• среда, 07 јануари 2026

МАЕИ: Минатата 2025,  година на борба за идентитет, права и институционална заштита на Македонците во Албанија

МАЕИ: Минатата 2025,  година на борба за идентитет, права и институционална заштита на Македонците во Албанија

Дебар, 5 јануари 2026 (МИА) - Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ) го објави Годишниот извештај за својата активност во 2025 година, во кој детално се прикажани активностите, предизвиците и политичките позиции на единствената македонска политичка партија во Република Албанија.

Во извештајот се нагласува дека 2025 година била една од најтешките, но и најзначајните години за МАЕИ и за македонската заедница во Албанија, обележана со засилени асимилаторски притисоци, медиумски напади и судски постапки насочени кон замолчување на партијата. 

"Посебно внимание е посветено на континуираните активности на Република Бугарија за негирање на македонскиот идентитет и обидите за институционална маргинализација на МАЕИ, стои во извештајот.

Исто така се потенцира дека МАЕИ и во 2025 година останала доследна на својата принципиелна политика – одбрана на македонскиот национален идентитет, јазик, култура и историско наследство, како и борба за целосна примена на европските стандарди за малцински права во Албанија. 

Извештајот содржи и осврт на правната и институционалната борба на партијата, вклучително и судскиот процес во Корча, кој, според МАЕИ, претставува обид за политички притисок врз нејзиното раководство.

МАЕИ во извештајот ја реафирмира „својата определба за немешање во внатрешните политички и изборни процеси во Република Македонија", но истовремено упатува „јасен повик до институциите во Скопје за проактивна и трајна грижа за положбата на Македонците во Албанија, како неотуѓив дел од македонскиот народ".

Партијата нагласува дека ќе продолжи со институционална, правна и меѓународна активност за заштита на правата на Македонците во Албанија и апелира до албанските и меѓународните институции да спречат политичка инструментализација, асимилација и негирање на македонскиот идентитет.

„И покрај сите притисоци, МАЕИ останува цврста, принципиелна и непоколеблива во својата мисија – да биде глас, штит и столб на македонскиот идентитет во Албанија“, се наведува во годишниот извештај на МАЕИ за минатата година. вт/вј/

Фото: МАЕИ

 

 

Остани поврзан